Почнувајќи од 29 ноември 2012 година, Управата за јавни приходи воведува нова услуга ,,е-Промена на податоци” за фирмите (правни лица и вршители на дејност). Преку користење на оваа услуга, фирмите ќе можат брзо и едноставно преку телефонско јавување на бесплатниот број 0800 33 000 да извршат промена на податоците кои се водат во Регистарот на даночни обврзници на УЈП.
Заради осигурување на висок степен на безбедност и заштита на податоците, даночните обврзници услугата ќе може да ја користат само со ПИНКОД, кој ќе биде задолжителен за идентификација и без кој не ќе може да се изврши промена на регистрационите податоци. За доделениот ПИНКОД, секоја фирма и ново регистриран даночен обрзник ќе добие известување од УЈП преку пошта.
Според упатството на УЈП услугата ,,е-Промена на податоци” ќе може да се користи на следниот начин
- Со повикување на Управата за јавни приходи на бесплатната инфо линија 0800 33 000.
- За идентификација, на даночниот оператор задолжително ќе треба да му се соопшти Пинкодот, Единствениот даночен број (ЕДБ), Име и презиме на лицето кое се јавува, Назив / Име и презиме и Адреса на даночниот обврзник и Име и презиме на овластеното лице.
- Се наведува кои од подолу наведените податоци се менуваат во Регистарот на даночни обврзници:
- адреса на вистинско седиште за контакт;
- контакт телефон (фиксен и мобилен);
- име и презиме на овластен книговодител, односно назив на овластено книговодствено биро;
- адреса на овластен книговодител, односно адреса на овластено книговодствено биро;
- контакт телефон (фиксен и мобилен) на овластен книговодител, односно овластено книговодствено биро;
- сметка кај носителот на платен промет за даночни цели.
Според упатството на УЈП, во случаите кога даночниот обврзник не добил известување за пинкодот, истиот го заборавил, или пак го загубил, постапката за добивање на НОВ ПИНКОД е едноставна и брза со повикување во Инфо центарот на УЈП 0800 33 000 и известување на даночниот оператор дека е потребно да се изврши реиздавање, односно доделување нов Пинкод.
Наведената нова услуга на УЈП треба да овозможи заштеда на време и на трошоците за пријава и ажурирање на податоците за даночни цели, да спречи пресметка на камата за неплатен данок заради непријавени и неажурирани податоци и треба да овозможи поефикасна комуникација на даночните обврзници со Управата за Јавни приходи