Со одредбите на член 3 од Предлог – Законот за изменување и дополнување на Законот за трговските друштва, се врши усогласување на Законот за трговските друштва со Законот за вршење сметководствени работи.
Имено, согласно предлог измената на Законот за трговските друштва, Годишната сметка и финансиските извештаи ги потпишува сметководителот, односно овластениот сметководител кој ги составил, при што го наведува датумот на нивното составување и потпишување и регистарскиот број под кој е евидентиран во Институтот на сметководители и овластени сметководители на Република Македонија.”
Согласно преодните одредби од Предлог Законот за трговските друштва овие одредби ќе започнат да се применуваат од 1 март 2013 година, што значи дека за годишната сметка за 2012 година нема да се применуваат одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи и истата нема да биде потребно да биде потпишана од овластен сметководител, односно сметководител.
Во однос на другите одредби од Предлог-законот за изменување на Законот за трговските друштва (кои во главно ќе се применуваат од 1 јануари 2013 година и немаат влијание на изготвувањето на годишната сметка за 2012 година) благовремено, во најкус можен рок, ќе ве информираме.