Денес на 24 јули 2012 година, Собранието на Република Македонија на својата 37 Седница го донесе Законот за вршење на сметководствени работи.
Според информациите со кои располагаме без поголема расправа е изгласан дополнетиот текст на Предлог Законот. До конечно објавување на Законот во Службен весник на РМ и негово стапување во сила само потсетуваме на клучните работи кои се предвидуваат со Законот:
1) Секое лице кое до влегувањето во сила на Законот вршело сметководствени работи може да поднесе барање до Министерството за финансии за добивање времено уверение за овластен сметководител во рок од шест месеци од денот на влегувањето на Законот, ако
- има средно образование и најмалку десет години работно искуство во вршење на сметководствени работи или
- има вишо образование (прв степен) и најмалку осум години работно искуство во вршење на сметководствени работи или
- има високо образование и најмалку три години работно искуство во вршење на сметководствени работи
Кон барањето до Министерството за финансии за издавање на времено уверение задолжително ќе треба да се достави:
- уверение за завршено образование
- потврда од Агенцијата за вработување за работен стаж
- потврда од работодавач за работно искуство во вршење на сметководствени работи и
- доказ за уплата на надоместокот за добивање уверение за овластен сметководител.
Министерството за финансии времените уверенија ќе ги издава во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето.
2) Времените уверенија ќе важат 24 месеци. По истекот на рокот на траење на времените уверенија од 24 месеци, сите заинтересирани лица кои ќе сакаат да се стекнат со уверенија со трајна важност ќе мораат да полагаат испит за проверка на знаењето. По истекот на рокот од 24 месеци лицето кое добило времено уверение за сметководител или овластен сметководител нема да има право да врши сметководствени работи доколку не го положи испитот за сметководител или овластен сметководител.
3) Лицата со над 25 години работно искуство во вршење на сметководствени работи, Министерството за финансии ќе им издава уверенија со трајна важност (нема да имаат обврска за полагање). Ваков исклучок за добивање на уверенија со трајна важност се однесува и за овластените ревизори.
4) Друштвото за вршење сметководствени работи (Книговодствено биро како правно лице) ќе мора да има вработено најмалку еден сметководител и еден овластен сметководител. Книговодствените бироа ќе мора да се усогласат со одредбите на Законот и да поднесат барање за запишување во соодветниот регистар во рок од шест месеци од денот на основање на Институт на сметководители и овластени сметководители