Во рамките на активностите преземени од страна на Институтот на сметководители и овластени сметководители на РМ (ИСОС) за остварување на контакти со сите консалтинг куќи на ден 08.02.2017 година, во просториите на хотелот “Холидеј ин” беше одржан работен состанок помеѓу преставници на МСФИ Консалтинг и преставници на Институтот.
На состанокот како преставници на Институтот присуствуваа претседателката на Институтот, г-ѓа Ленче Папазовска, претседавачот на Собранието на Институтот г-дин Драган Митковски и претседателот на Надзорниот одбор на Институтот г-дин Сашо Раденковиќ.
Од страна на преставниците на Институтот беше искажано жалење што поради технички причини немаа можност директно да се обратат на нашите колеги/сметководители кои беа присутни на советувањето за изготвување на годишна сметка за 2016 година во организација на МСФИ Консалтинг, што се одржа на истиот ден (08.02.2016 година) во просториите на големата/конгресна сала на хотелот “Холидеј – ИН“ со изразена желба на следното советување на се оствари таква средба.
На состанокот од страна на преставниците на Институтот беа искажани следните ставови по однос на актуелните прашања во врска со поднесувањето на годишната сметка за 2016 година и актуелните состојби во сметководствената професија:
- Годишните сметки за 2016 година ќе се доставуваат до Централниот регистар со доставување на копија од Уверението за овластен сметководител, односно Уверението за сметководител издадено од Министерот за финансии или копија од новото Уверение издадено од страна на Институтот за сметководители и овластени сметководители при поднесувањето на годишната сметка во хартиена форма. До колку годишната сметка се доставува во електронска форма преку системот на е годишни сметки постои можност да се наведе (апдејтува) бројот на новото уверение издадено од страна на Институтот на сметководители и овластени сметководители. Со наведеното се потврдува она што и беше истакнато од наша страна на самото советување за начинот на доставување на годишната сметка за 2016 година, дека Централниот регистар ќе располага со двете бази на податоци за броевите на уверенијата издадени како од Министерот за финансии, така и од страна на Институтот на сметководители и овластени сметководители.
- Согласно одредбите на Законот за вршење сметководствени работи, ќе нема законски пречки физичко лице /овластен сметководител, односно сметководител, вработено лице со скратено работно време, односно дополнително работење кај друг работодавач, да потпишува годишни сметки за сите друштва кај кои засновал работен однос врз овие основи.
- Што е однесува на обврската за континуирано професионално усовршување (КПУ), од страна на претставниците на Институтот беше потенцирано дека Обуките за континуирано професионално усовршување ќе започнат кога ќе биде усвоена ГОДИШНАТА ПРОГРАМА ЗА КОНТИНУИРАНО ПРОФЕСИОНАЛНО УСОВРШУВАЊЕ (КПУ) која е потребно да ја донесе Собранието на Институтот согласно член 7 став 2 точка 10 од Законот за вршење на сметководствени работи, на предлог на Управниот одбор согласно овластувањата дадени во член 10 став 3 точка 9 од Законот за вршење на сметководствени работи.
При изборот на консултанските куќи кои ќе го организираат Континуираното професионално усовршување ќе се имаат предвид актуелните состојби и барања на овластените сметководители и потенцијалите на постојните консултански куќи, се со цел развој на сметководствената професија. Од страна на Институтот и од страна на преставници на МСФИ Консалтинг беше искажана волја и заинтересираност за продлабочивање на соработката на ова поле во насока на обезбедување на квалитетно професионално усовршување на што МСФИ Консалтинг посветува значајно внимание се со цел да ги задоволи потребите на сметководителите за квалитетна едукација.
Соопштение кога ќе започне, каков ќе биде моделот, односно консалтинг куќите кои ќе добијат одобрение за организација на Континуираното професионално усовршување ќе биде објавен од страна на Институтот за сметководители и овластени сметководители на РМ (ИСОС) за што МСФИ Консалтинг ќе продолжи да ги следи состојбите врзани за обврската за континуирано професионално усовршување и за истото навремено ќе Ве информира.
Ве известуваме дека МСФИ Консалтинг ќе продолжи со интензивната соработка со преставниците на Институтот за што беше изразена и обострана желба со цел продлабочување на соработката во дефинирање на Програмата за КПУ, создавање на основите за континуиран професионален развој на сметководителите и овластените сметководители со крајна цел подобрување на статусот и животниот стандард на нашите колеги.
Со почит,
МСФИ КОНСАЛТИНГ