Согласно член 24-а од Законот за трговија (Службен весник на РМ, број 16/04…53/11) од 1 мај до 30 септември алкохолните пијалаци ќе се продаваат до 21 часот. Согласно наведеното забраната за продажба на алкохолни пијалаци е од 21,00 до 06,00 часот наредниот ден.
Потсетуваме дека алкохолните пијалаци може да се продаваат во сите малопродажни трговски објекти кои поседуваат лиценца согласно член 23-а од Законот за трговија. Останува забраната за продажба на алкохолни пијалаци во бензинските пумпи и преку киосците во трговијата. Исто така трговецот на мало не смее да врши продажба на алкохолни и енергетски пијалаци и цигари на лица со возраст под 18 години согласно член 24 од Законот за трговија.
Според одредбите не Законот секој трговец кој ќе го прекрши законот и продава алкохол по 21 часот, ќе следуваат казненени мерки кои за правното лице изнесуваат од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност, како и глоба на одговорното лице кај правното лице во износ од 400 до 600 евра. Казната за трговецот поединец кој ќе го прекрши законот изнесува 1.000 до 2.000 евра противвредност. Во законот за трговија е предвидена и посебна прекршочна мерка одземање на предметите – стоките со кои е извршен прекршокот (Член 57 од Закон за трговија).
Согласно член 58 од Законот за трговија до колку се продава алкохол на малолетници казната за правното лице изнесува од 7.000 до 8.000 евра во денарска противвредност , како и глоба на одговорното лице кај правното лице во износ од 1.500 до 2500 евра како и глоба за службеното лице кај правното лице во износ од 500 до 1.500 евра. Казната за трговецот поединец кој ќе го прекрши законот и продава алкохол на малолетници изнесува од 4.000 до 6.000 евра во денарска противвредност. Во законот за трговија е предвидена и посебна прекршочна мерка одземање на предметите – стоките со кои е извршен прекршокот. Кога прекршокот продажба на алкохол на малолетници е сторен со цел за сторителот за себе или за друго лице да прибави имотна корист или прекршокот е сторен од организирана група на лица или во текот на календарската година сторителот го повтори, надлежниот суд може да изрече глоба во износ од 8.000 до 12.000 евра во денарска противвредност. За наведеното прекршочно дејствие исто така може да се изрече санкција забрана за вршење на дејност во траење од една до три години.