+389 2 3112 323 / +389 2 3112 334 / +389 70 333 713info@msfi.com.mk
МСФИ Советник




МСФИ Вести: Во Службен весник број 193/2021 објавени се дополнителни мерки за заштита на Ковид 19 кои се применуваат од 18 Август 2021 година

Владата на Република Северна Македонија на својата 99-та седница одржана на 17.08.2021 година ги донесе најновите мерки, протоколи препораки за заштита на здравјето на населението од КОВИД – 19, врз основа на препораките од Комисијата за заразни болести.

Согласно препораките, Владата донесе одлука дека за влез во угостителски објекти, кафулиња и барови, без разлика на капацитетот и бројот на присутни посетители/гости/лица, како и за настан од секаков вид (прослава, веселба, свадба, роденден, крштевка, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културен или спортски настан, обложувалници, казина), задолжително е поседување, приложување и проверка на еден од следните документи:

  • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-ЦоВ-2, односно примена најмалку прва доза вакцина против заразната болест КОВИД – 19 или
  • сертификат/потврда за прележан КОВИД – 19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето, за лица над 18-годишна возраст.

Оваа мерка задолжително се применува и за организација, работа и присуство/учество и на секаков вид на настан на отворен простор, каде има повеќе, како и за влез во затворениот дел од моловите.

Дополнително, во сите угостителски објекти, кафулиња и барови опфатени со оваа мерка каде капацитетот е поголем од 30 посетители/гости/лица, задолжително е воспоставување редарска служба од страна на правниот субјект за контрола и спроведување на мерката. Додека пак во угостителските објекти со капацитет помал од 30 лица контролата на поседувањето на КОВИД – 19 сертификатот на посетителите е должност на редовно вработените лица.

Овие мерки стапуваат на сила по нивното објавување во „Службен весник”, односно од утре 18 август 2021 година. Мерките се обајвени во Службен весник на РСМ број 193/2021 од 18.08.2021 година.

Останува забраната за организација на свадби, веселби и прослави во објекти од затворен тип, додека друг тип на настани  на затворено и натаму може да се организираат со исполнетост до 30% од капацитетот на местото каде што се одржува настанот и ограничен број на посетители до максимум 1.000 посетители со задолжително поседување, приложување и проверка на еден од задолжителните КОВИД – 19 документи.

Од 1 септември 2021 година домашни и странски државјани ќе можат да влезат на територијата на Република Северна Македонија доколку претходно на граничниот премин приложат:

  • сертификат/потврда за извршена имунизација (вакцинација) од вирусот САРС-ЦоВ-2, односно примени најмалку две дози на вакцина против заразната болест КОВИД-19; или
  • сертификат/потврда за прележан КОВИД-19 во последните 45 дена, сметајќи од денот на оздравувањето; или
  • медицинска потврда со негативен резултат од РТ ПЦР САРС-ЦоВ-2 тест, направен 72 часа пред влез на територијата на Република Северна Македонија.

За нашите граѓани кои ќе се враќаат во земјата после 1 септември, а немаат ПЦР тест, или потврди за примена вакцина или за прележан КОВИД – 19, ќе се одреди мерка карантин од 7 (седум) дена домашна изолација со решение од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

Странските државјани кои транзитираат низ земјата ќе можат да го направат тоа во рок од 5 часа со претходно потпишана изјава на влезот во земјата која ќе треба да ја приложат пред граничната контрола на излезот од државата.

На оваа своја седница Владата го усвои и Протоколот за превентивни мерки при спроведување на Пописот на населението, домаќинствата и становите.

На предлог на Министерството за образование и наука, а со одобрување на Комисијата за заразни болести, на денешната седница е донесена одлука учебната 2021/2022 година да започне со физичко присуство, со полн капацитет, според утврдените и донесени протоколи.

Исклучоци од оваа одлука може да се однесуваат на деца со ретки болести или попречености, деца кои доаѓаат од семејства со хронично болни семејства, по барање на родителите, како и други немедицински причини со дозвола на училиштето.

Беше истакнато дека постојано ќе се следат состојбите и дека како алтернатива постојат дополнителни две сценарија: преминување на целосно онлајн настава или комбинирано, доколку дојде до промена на состојбата со пандемијата.

Одлука за изменување и дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Covid-19 предизвикана од вирусот Sarscov-2, случаите и временскиот период на нивна примена – Службен весник број 193/2021 од 18.07.2021 година (ПРЕЗЕМИ)

Одлука за изменување и дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразната болест Covid-19 предизвикана од вирусот Sars-Cov-2, случаите и временскиот период на нивна примена – Службен весник на РСМ, бр. 187 од 9.8.2021 година (ПРЕЗЕМИ)

  • Објавено на: 18/08/2021
Кориснички дел
Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.