+389 2 3112 323 / +389 2 3112 334 / +389 70 333 713info@msfi.com.mk
МСФИ Советник




МСФИ Вести: Објавени измените на Законот за вршење на сметководствени работи

Во Службен весник на РСМ број 47 од 28.02.2025 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи кој Собранието на РСМ претходно го донесе на својата 35 пленарна седница одржана на 25.02.2025 година.

Со измените и дополнувањата на Законот за вршење на сметководствени работи се овозможува сметководителите, односно овластените сметководители на кои им е изречена дисциплинска мерка од ИСОС за времено бришење од соодветните регистри заради неисполнета обврска за континуирано професионално усовршување, да продолжат да вршат сметководствени работи, а неисполнетите часови за континуирано професионално усовршување да ги постигнат до 31 декември 2026 година.

Потсетуваме дека овој проблем настана како последица на примената на член 30 од Законот за вршење на сметководствени работи („Службен весник на РСМ“ број 173/22, во натамошниот текст: Законот), сметководителите, односно овластените сметководители заради надградување на знаењето од областа на сметководството се должни да посетат обука за континуирано професионално усовршување од 90 часови односно 120 часови. Во членот 64 од Законот, е уреден бројот на часови кои сметководителите и овластените сметководители имаат обврска да ги исполнат до 31 декември 2024 година. Бројот на часовите за континуирано професионално усовршување во овој член е утврден во зависност од годината кога сметководителите и овластените сметководители започнале со посета на обуката за континуирано професионално усовршување. Заради непочитување на одредбите од Законот за вршење на сметководствени работи, Институтот на сметководители и овластени сметководители до 15 јануари 2025 година има донесено околу 3.300 решенија со кои има изречено дисциплински мерки времено бришење на сметководителите и овластените сметководители од соодветните регистри во времетраење од една година. Значаен дел од решенијата се донесени заради неисполнување на обврската за посета на утврдениот број на часови за континуирано професионално усовршување на сметководителите, односно овластените сметководители утврден во членот 64 од Законот. Со временото бришење на сметководителите и овластените сметководители од регистрите, истите за времетраењето на мерката (во рок од една година од бришењето) не смеат да вршат сметководствени работи. Ова значи дека сметководителите и овластените сметководители на кои им е изречена дисциплинска мерка времено бришење од соодветните регистри не можат да ги потпишат годишните сметки и/или финансиските извештаи за обврзниците за кои воделе сметководство во текот на 2024 година.

Со цел разрешување на претходно наведените проблеми во продолжение Ве запознаваме со новините кои ги носат овие измени на Законот за вршење на сметководствени работи.

Кои новини ги носи Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи ?

Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи содржи 11 члена.

Со членот 1 од Законот се допрецизира дека претседателот на Институтот ќе одлучува по приговори, со исклучок на приговорите по изречени мерки во дисциплинска постапка.

Со членот 2 од Законот се брише точката 3) од ставот (1) на членот 36, односно неплаќањето на годишната членарина повеќе нема да биде основ за бришење на сметководителот, односно овластениот сметководител од соодветниот регистар. Исто така, се уредува дека против решението за бришење од соодветниот регистар, може да се поднесе жалба до Министерството за финансии, при што жалбата ќе го одлага правното дејство на решението согласно Законот за општата управна постапка.

Со членот 3 од Законот се додаваат две нови точки во членот 38, односно се уредува дека непочитувањето на обврската за континуирано професионално усовршување и неизвестувањето на Институтот за сите промени во врска со податоците содржани во соодветниот регистар ќе биде основ за дисциплинска мерка – јавна опомена.

Со членот 4 од Законот се уредува дека на физичко лице, вршител на сметководствени работи, кој ќе продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување и покрај изречената јавна опомена, ќе му биде изречена дисциплинската мерка – парична казна во висина од една просечна месечна нето – плата.

Со членот 5 од Законот се уредува дека физичко лице, вршител на сметководствени работи, кој ќе продолжи да не ја почитува обврската за континуирано професионално усовршување и покрај изречената јавна опомена и изречената парична казна, ќе биде времено избришан од соодветниот регистар.

Со членот 6 од Законот правно-технички се уредува член 41 став (1) точката 4).

Со членот 7 од Законот се дава можност да се поднесе жалба до Министерството за финансии против решението на дисциплинската комисија на Институтот во рок од 15 дена од денот на приемот на решението. Жалбата го одлага правното дејство на решението додека одлуката донесена врз основа на жалбата не се достави на странката. Против одлуката на Министерството за финансии може да се поведе управен спор пред надлежен суд во рок од 30 дена од денот на приемот на одлуката.

Со членот 8 ставови (1) и (2) од Законот се дава можност на сметководител, односно овластен сметководител кој од кои било причини не успеал да ја исполни обврската за миниум посетени часови на континуирано професионално усовршување заклучно со 31 декември 2024 година, тоа да го направи до 31 декември 2026 година. Со ставот (3) се дава можност на сметководител, односно овластен сметководител кој ги исполнил сите предвидени часови заклучно со 31 декември 2024 година, да ги исполни часовите за континуирано професионално усовршување од третиот циклус на обуки најдоцна до 31 декември 2028 година.

Со членот 9 од Законот се уредува статусот на започнатите постапки, односно се предлага започнатите дисциплински постапки до денот на влегувањето во сила на овој закон да завршат согласно со одредбите од овој Закон за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи.

Со членот 10 од Законот се уредува дека сметководителот, односно овластениот сметководител кој е времено избришан од соодветниот регистар заради непочитување на обврската за континуирано професионално усовршување, продолжува со вршење на сметководствените работи, при што Институтот е должен во рок од три дена од денот на влегување во сила на овој закон да ги упише во соодветниот регистар.

Во член 11 од Законот е пропишано дека влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на РСМ“, односно на 28.02.2025 година.

Со кликнување подолу на преземи може да го симнете Законот за изменување и дополнување на Законот за вршење на сметководствени работи и Законот за вршење на сметководствени работи кој се менува.

 

  • Објавено на: 01/03/2025
Кориснички дел
Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.