+389 2 3112 323 / +389 2 3112 334 / +389 70 333 713info@msfi.com.mk
МСФИ Советник




МСФИ Вести: Објавени измените на Законот за потрошувачи со кои трговците кои вршат дејност трговија на мало се обврзани да ги објавуваат цените на секоја стока што ја нудат за продажба

Во Службен весник на РСМ број 49 од 4 март 2025 година објавен е Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите кој Собранието на РСМ го донесе на  својата пленарна седница одржана на 25.02.2025 година. Законот влегува во сила со денот на објавување во Службен весник, односно на 4 март 2025 година.

Целта на донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите е да се заштитат интересите на потрошувачите и да се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на производите кои сакаат да ги купат и олеснување на споредливоста на цените. Исто така, се очекува преку зголемувањето на транспарентноста во однос на потрошувачите да се спречи нефер конкуренцијата и злоупотребата на пазарот, како и пониски цени, особено во секторот на прехранбени производи.

  • Кои обврски ги пропишува Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачи ?

Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите пропишува задолжителна обврска на трговците да ги објавуваат на своите веб страници тековната продажна, односно единечната цена на секоја стока што ја нудат за продажба. Оваа обврска се однесува за трговците кои вршат дејност согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2.1 со шифра 47 – Трговија на мало, и тоа за малите, средните и големите трговци.

Микротрговците и трговците-поединци се ослободени од оваа обврска за објавување на цените на стоките.

ЦРМ – линк за проверка на големина на правен субјект

Оние трговци кои имаат повеќе од еден продажен објект, истите ќе треба да ги објавуваат цените на стоките, поединечно за секој свој продажен објект.

Трговците кои имаат обврска да ги објавуваат цените на своите стоки кои ги нудат за продажба се должни да го усогласат своето работење во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон (најдоцна до 18 април 2025 година).

Во рок од 10 дена од влегувањето во сила на Законот (најдоцна до 14 март 2025 година), министерот за економија и труд е должен да го донесе подзаконскиот акт со кој ќе се пропише начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат.

За целите на надзорот над спроведувањето на овие нови законски одредби, направено е дополнување на прекршочните одредби во Законот за заштита на потрошувачите со глоби за трговците кои ќе постапат спротивно на одредбите од овој закон, како и на одредбите за овластувањата што ги имаат инспекторите од Министерството за економија – Државниот пазарен инспекторат над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Во продолжение Ви ги даваме измените на Законот:

Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите содржи осум члена.

Со членот 1 се врши промена на насловот на Поглавјето 2 со оглед дека со одредбите од ова поглавје се уредуваат обврски на трговците при означување и објавување на цените.

Со членот 2 се врши промена на насловот на членот 11, кој се менува и гласи: „Општа одредба за означување и објавување на цените“, како и се менува ставот (1) со цел уредување на обврска за трговецот да ги означува и да ги објавува стоките со продажната и единичната цена за стоките, на недвосмислен, видлив, читлив и јасен начин, а со цел за подобра информираност на потрошувачот и за олеснување на споредливоста на цените.

Со членот 3 по членот 15 се додаваат нов наслов и нов член 15-а, со кој се уредува дека големите, средните и малите трговци кои вршат дејност трговија на мало, со шифра 47 согласно со Националната класификација на дејности – НКД Рев. 2.1, се должни на својата веб страница да ја објават, одделно за секој свој продажен објект, тековната продажна, односно единичната цена во моментот на објавување на секоја стока што ја нудат за продажба. Усогласувањето на цените ќе се врши на дневна основа, а при објавување на цените ќе се применуваат одредбите од овој закон за означување на цените. Исто така, се дава овластување за министерот за економија и труд да го пропише со подзаконски акт начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат согласно со ставот (1) на овој член. На ваков начин ќе се обезбеди основа за подобра информираност на потрошувачите за цените на стоките кои сакаат да ги купат и ќе се олесни споредливоста на цените.

Со членот 4 се менува членот 210 став (2) точката 2) со овластување за инспекторите, при вршењето на инспекцискиот надзор, да испитуваат и дали трговецот ги објавува цените согласно со одредбите од членот 15-а од овој закон. При тоа, во вршењето на инспекцискиот надзор инспекторите ги имаат правата, обврските и овластувањата предвидени со овој закон и со посебните прописи каде се утврдени нивните надлежности.

Со членот 5 се врши доуредување на прекршочни одредби од Законот со оглед дека во член 215 став (1) се предвидува нова точка 2-а) со која се пропишува глоба во соодветен износ за прекршок на правното лице – мал, среден и голем трговец, доколку ги објавува цените спротивно на одредбите од членот 15-а од овој закон. Одредбите од член 15-а од овој закон нема да се однесуваат за микротрговец и трговец-поединец, па во оваа насока се врши допрецизирање на прекршочните одредби.

Со членот 6 е уредена предна одредба за усогласување на работењето на трговците од членот 3 од овој закон, со кој се додава нов член 15-а, во рок од 45 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Со членот 7 е уредена одредба со која се утврдува рок од 10 дена од влегувањето во сила на Законот, за донесување на подзаконскиот акт предвиден со овој закон од страна на министерот за економија и труд со кој ќе се пропише начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат согласно со член 15-а став (1) од Законот.

Со членот 8 е пропишува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно на 4 март 2025 година.

Со кликнување подолу на преземи може да ја симнете измената на Законот и Законот за заштита на потрошувачи пред оваа измена.

  1. МСФИ Вести (ПРЕЗЕМИ)
  2. Закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите – Сужбен весник на РСМ број 49/25 (ПРЕЗЕМИ)
  3. Закон за заштита на потрошувачите – пред измената (ПРЕЗЕМИ)
  • Објавено на: 04/03/2025
Кориснички дел
Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.