+389 2 3112 323 / +389 2 3112 334 / +389 70 333 713info@msfi.com.mk
МСФИ Советник




Известување на Централниот регистар (Регистарот на годишни сметки) за начинот на доставување на годишната сметка за 2012 година

И  З  В  Е  С  Т  У  В  А  Њ  Е

За субјектите должни за доставување на годишни сметки и финансиски извештаи до Регистарот за годишни сметки при Централниот регистар на Република Македонија, согласно на член 469 од Законот за трговските друштва („Сл. Весник на РМ“ бр. 28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10, 24/11, 166/12), согласно Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр.61/02, 98/02, 81/05),  Законот за сметководство на непрофитните организации (,,Сл. Весник на РМ“ бр.24/03), како и за субјектите кои согласно Законот за персонален данок на доход остваруваат приходи од вршење на самостојна дејност

 

 

Се известуваат сите субјекти должни за доставување на годишните сметки за 2012 година до Регистарот за годишни сметки при Централниот регистар на Република Македонија за следното:

1. Приемот на годишните сметки за 2012 година на сите видови на субјекти се врши во сите регистрациони канцеларии при Централниот регистар на РМ на чија територија се наоѓа седиштето на субјектот.

Субјектите кои се должни согласно законската регулатива да поднесат годишна сметка до регистарот на годишни сметки, при поднесувањето на обрасците, потребно е задолжително да приложат доказ (оригинален или заверен документ) за извршената уплата согласно Тарифата на Централниот регистар на Република Македонија.

На налогот за плаќање, во делот “Цел на дознака” задолжително да се запише:
  • називот на субјектот за кој е извршена уплатата и
  • годината за која се поднесува годишната сметка

 

2. Обврзници за доставување на годишна сметка се:

 

 

2.1. Субјекти од нефинансискиот сектор кои вршат трговска дејност заради остварување добивка, согласно Законот за трговски друштва („Сл. Весник на РМ“ бр. 28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10, 24/11 и 166/12), доставуваат податоци на пропишаните обрасци, согласно Правилникот за формата и содржината на годишната сметка („Сл. Весник на РМ“ бр. 52/11, 174/11), односно вршат дејност утврдена со НКД и се обврзници на данок од добивка.

 

КОМПЛЕТОТ на обрасци е сочинет од:

  1. БИЛАНС НА СОСТОЈБАТА (Извештај за финансиската состојба)
  2. БИЛАНС НА УСПЕХ (Извештај за добивка или загуба и Извештај за останата сеопфатна добивка)
  3. Дополнителни податоци за државна евиденција – образец ДЕ
  4. Образец за структура на приходи по дејности – СПД
  5. Објаснувачки белешки кон годишната сметка

Новооснованиот субјект кој пополнува податоци само за тековната година, на обрасците става ознака „Новооснован“
Почнувајќи од годишната сметка за 2012 година, субјектите  кои немаат деловна активност треба да достават  „ИЗВЕСТУВАЊЕ“ за немање на деловна активност во тековната година. (Преземи)
Од оваа година нема да се доставуваат, односно да се примаат „празни годишни сметки“.

 

 

Субјектот кој изготвува консолидирана годишна сметка, на обрасците става ознака „консолидиран“. Субјектот кој започнал да изготвува консолидирана годишна сметка во тековната година, на обрасците става ознака „новоконсолидиран“

 

 

2.2. Буџетските корисници (корисници на единиците на локалната самоуправа, буџетите и фондовите, корисниците и единките корисници на средствата од буџетите, како и на другите правни лица за кои средствата за вршење на основната дејност претежно се обезбедуваат од буџетите) кои работат согласно Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр. 61/02, 98/02 и 81/05) и кои сметководството го водат согласно Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр. 28/03, 62/06, 8/09, 175/11), Правилникот за содржината на одделните сметки во сметковниот план на буџетските корисници и Правилникот за обликот и содржината на билансот на состојбата и билансот на приходите и расходите за буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр. 79/03, 74/05 и 109/05, 88/09, 175/11).

2.3. Буџетот на Републиката, буџетите на единиците на локалната самоуправа и на буџетите на фондовите, кои работат согласно Законот за сметководство на буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр. 61/02, 98/02 и 81/05) и кои сметководството го водат согласно Правилникот за сметководството на буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр. 28/03, 62/06, 8/09, 175/11), Правилникот за содржината на одделните сметки во сметковниот план на буџетските корисници и Правилникот за обликот и содржината на билансот на состојбата и билансот на приходите и расходите за буџетите и буџетските корисници („Сл. Весник на РМ“ бр. 79/03, 74/05 109/05, 88/09, 175/11).

2.4 Непрофитните организации (стопанските комори, здруженија на граѓани и фондации, други облици на здружување, политичките партии, верските заедници, религиозните групи и други, Црвениот крст на Република Мекедонија, здруженија на странци, странски и меѓународни невладини организации, хуманитарни организации и здруженија, синдикатите и други правни лица основани со посебни прописи) кои работат согласно Законот за сметководство на непрофитните организации („Сл. Весник на РМ“ бр. 24/03) и водат сметководство согласно Правилникот за сметководството на непрофитните организации („Сл. Весник на РМ“ бр. 42/03, 08/09, 175/11), Правилникот за сметковниот план и билансите на непрофитните организации („Сл. Весник на РМ“ бр. 117/05 и 11/06) и Правилникот за содржината на одделните сметки во сметковниот план на непрофитните организации („Сл. Весник на РМ“ бр. 117/05).

2.5. Самостојни вршители на дејност (физичко лице-трговец, трговец поединец, како и физичко лице кое се занимава со земјоделска дејност, со занаетчиска дејност и лице кое врши услуга или слободно занимање), кои остваруваат приходи од вршење на дејност утврдена согласно со член 28 од Законот за Персоналниот данок на доход („Сл.весник на РМ“ бр. 80/93….139/09), согласно Правилникот за формата, содржината и начинот на водењето на работните книги и помошната евиденција на даночните обврзници што вршат самостојна дејност („Сл. Весник на РМ“ бр. 1/88….22/11).

2.6. Субјекти од финансискиот сектор (Банки и други финансиски институции) кои работат согласно Законот за трговски друштва („Сл. Весник на РМ“ бр. 28/04, 84/05,25/07, 87/07,42/10, 48/10), Законот за банки („Сл. Весник на РМ“ бр. 67/07,90/09) и Правилникот за формата и содржината на годишната сметка за банки и други финансиски институции („Сл. Весник на РМ“ бр. 4/10).

2.7. Друштва за осигурување кои согласно Законот за осигурување имоти и лица („Сл. Весник на РМ“ бр. 35/01, 4/02) вршат работи на осигурување на имоти и лица и други работи на осигурување и кои сметководството го водат согласно на Законот за трговски друштва („Сл. Весник на РМ“ бр. 28/04, 84/05, 25/07, 87/08, 42/10, 48/10),  Правилникот за формата и содржината на билансните шеми за осигурителните и реосигурителните друштва  и Правилник за водење на сметководство („Сл. Весник на РМ“ бр. 4/12)

3. Субјектите можат да се информираат на WEB страницата на ЦР (www.crm.com.mk) за нивното распоредување по големина врз основа на податоците од годишната сметка за 2011 година (провери големина на правен субјект). Од извршеното распоредување произлегува  обврската за доставување на финансиски извештаи од страна на средните и големите субјекти.

4. Согласно на Тарифата донесена од Владата на Република Македонија, при доставувањето на годишните сметки, субјектите треба да уплатат надоместок за обработка на годишната сметка, на сметките на Централниот регистар:

 

  • 200000810380672 депонент на Стопанска банка АД Скопје,
  • 210055498500119 депонент на Тутунска банка АД Скопје,
  • 290100000070565 депонент на ТТК банка АД Скопје,
  • 250001000400008 депонент на Шпаркасе банка АД Скопје,
  • 500000000564373 депонент на Стопанска банка АД Битола,
  • 240010001589325  депонент на УНИ банка АД Скопје
  • 320100002836960  депонент на ЦК банка АД Скопје

 

 

5. Начин на доставување на годишните сметки и финансиските извештаи
Доставувањето на годишните сметки може да се врши во  канцелариите на Централниот регистар во хартиена форма или преку интернет страницата на Централниот регистар, согласно Правилникот за начинот и условите за поднесување на годишната сметка во електронска форма („Сл. Весник на РМ“ бр. 7/13)

 

 

5.1 Во Централниот регистар се примаат годишните сметки во хартиена форма на пропишаните обрасци, со задолжително внесени податоци од страна на самите субјекти за идентификациониот број ЕМБС (матичен број) во заглавието на обрасците (во кодексите 4 до 11), податок за даночниот број, големина на субјектот, како и  запишан телефон за контакт. За субјектите од член 469 став 2 од Законот за трговски друштва (средни и големи) произлегува обврската за доставување и финансиски извештаи усогласени со меѓународните сметководствени стандарди и стандардите за финансиско известување. Годишната сметка се доставува во еден примерок со пропратно писмо во два примероци, на кое со печат се потврдува доставувањето на годишната сметка. Податоците во обрасците треба да се читливо пополнети со хемискo пенкало или на компјутер, а износите да се искажани во денари.
Обрасците треба да се потпишани од застапникот по закон и заверени со печат, а доколку застапникот со закон своето овластување го пренесува на друг, задолжително е поднесување на полномошно заверено кај нотар.
Корисниците на буџетот кои доставуваат повеќе годишни сметки на самиот образец во горниот десен агол го запишуваат бројот на основната сметка според Планот на сметки ( 785, 786, 787, 788, 789 и сл) и индивидуалната партија. 

 

 

6. Со Правилникот за начинот и условите за поднесување на годишната сметка во електронска форма („Сл. Весник на РМ“ бр. 7/13) предвидено е доставување во електронска форма преку интернет. Досегашното доставување на податоците на ЦД претставуваше ризик по однос на безбедноста на информатичкиот систем, затоа што електронскиот формат на обрасците е необезбеден и лесно „заразлив“ со разни злонамерни софтвери (вируси и сл.). Исто така беше присутно и често менување на веќе воспоставените контроли и логика во електронските обрасци  од страна на подносителите, што го оневозможува вчитувањето на податоците, така што обработката се вршеше од хартиените обрасци кои подносителот ги поднесуваше заедно со електронските. За таа цел Министерството за финансии во соработка со Централниот регистар го изготви и го донесе горе споменатиот Правилник.

При изготвувањето на годишните сметки за 2012 година за сите видови на субјекти, сметководителите можат да ги користат сите можни и веќе востановени и изготвени програмски решенија кои им се на располагање, со цел олеснување на постапките при проверката на податоците, за нивно побрзо и поточно искажување во пресметките и истите да бидат испринтани и доставени до Централниот регистар во хартиена форма, но мора да ја задоволат формата и содржината на пропишаните обрасци.  Исто така дадена е можност податоците да се искажат и достават како на пропишаните обрасци во хартиена форма испечатени од страна на печатари, исто така и на обрасците кои се истакнати на WEB  страницата на Централниот регистар на Република Македонија, кои по форма и содржина одговараат на веќе пропишаните обрасци од страна на Министерството за финансии и објавени во Службен весник на Република Македонија, пополнети и уредно потпишани од страна на овластените лица. (преземи овде)

 

 

 7. Сите видови на субјекти треба да обрнат особено внимание при изготвувањето, односно при пополнувањето на податоците во образецот СПДСтруктура на приходи по дејности, бидејќи податокот за ГЛАВНАТА ПРИХОДНА ШИФРА ја определува дејноста што има најголемо учество во структурата на вкупно остварените приходи на субјектот согласно НКД – Националната класификација на дејности („Сл весник на РМ“ бр 147/08). Врз основа на податоците од СПД се врши ажурирање на главната приходна шифра во Трговскиот регистар. Промена на главната приходна шифра не може да се врши во текот на годината. Определувањето на главната приходна шифра се врши еднаш годишно, односно според податоците од доставената годишна сметка на субјектот. Тоа значи дека менување на главната приходна шифра во текот на годината нема да се врши.  Уредбата за НКД Рев.2 можете да ја преземете овде.

 

 

8. Доколку при суштинска проверка на податоците од годишната сметка се утврди грешка, одговорниот работник во Централниот регистар по телефон го повикува субјектот да ја исправи грешката. Доколку субјектот не одговори на повикот и не ја изврши исправката, ќе се смета дека годишната сметка на тој субјект не е поднесена.

 

 

 9. Средните и големите субјекти доставуваат до Централниот регистар ревидирани и одобрени финансиски извештаи, согласно член 482 став 2 од ЗТД, во законски определениот рок.

 

 

10. Трговското друштво кое има  преовладувачко влијание во едно или повеќе друштва, составува и доставува консолидирана годишна сметка и консолидирани финансиски извештаи во законски определениот рок. Ревидираните и одобрените консолидирани годишни сметки и ревидирани и одобрени консолидирани финансиски извештаи, најдоцна 30 дена од нивното одобрување се доставуваат до Централниот регистар на РМ. Матичниот ентитет не мора да составува консолидирани ФИ доколку и тој е зависен ентитет, кој во целост или делумно е во сопственост на друг ентитет.

 

 

Известување на Централниот регистар (Регистарот на годишни сметки) за начинот на доставување на годишната сметка за 2012 година (преземи)

 

 

  • Објавено на: 16/01/2013
Кориснички дел
Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.