+389 2 3112 323 / +389 2 3112 334 / +389 70 333 713info@msfi.com.mk
МСФИ Советник




Известување на УЈП: Поставен е образецот ДД-ОМА/1 за ослободување од плаќање на аконтации за данок на добивка и пролонгиран е рокот за негово поднесување до 14 декември 2020 година

Управата за јавни приходи известува дека на Е-ДАНОЦИ е поставен образецот ДД-ОМА/1. Согласно измените во Законот за данок на добивка објавен во Службен Весник на РСМ, бр. 290 од 07.12.2020 година обврзниците на данокот на добивка кои имаат претрпено штети во своето работење поради ширење на корона-вирусот COVID-19, имаат право на ослободување од плаќање на износот на аконтациите на данокот на добивка за месеците ноември и декември 2020 година, како и за јануари и февруари 2021 година.

Користењето на ова право се однесува на даночните обврзници кои ги исполнуваат следниве услови:

  • даночниот обврзник-работодавач да не го намали бројот на вработени за времетраење на користењето на ослободувањето од плаќање на аконтациите во однос на бројот на вработени заклучно со 30 ноември 2020 година, освен во случаите на смрт, пензионирање или отказ од страна на вработените,
  • вкупните приходи од редовното работење на даночниот обврзник да се намалени за најмалку 30% во периодот април – септември 2020 година во однос на приходите од редовно работење во периодот април – септември 2019 година или – даночниот обврзник да затворил најмалку 50% од продажните места преку кои го остварува прометот (подружници, продажни објекти).

За остварување на ова право даночните обврзници поднесуваат барање за ослободување од плаќање на месечните аконтации на данокот на добивка образец ДД-ОМА/1 до Управата за јавни приходи најдоцна до петти наредниот месец за месецот за којшто обврзникот бара ослободување од плаќање на аконтации на данокот на добивка за временскиот период за кој побаруваат ослободување. Со цел да овозможи даночните обврзници да поднесат барања за ослободување од плаќање на месечни аконтации и за месец ноември 2020 година, рокот за поднесување на образецот ДД-ОМА/1 се продолжува до 14 декември 2020.
Поднесувањето на барањето образец ДД-ОМА/1 се врши преку системот „е-Даноци“ на Управата за јавни приходи, а Управата за јавни приходи ја потврдува комплетноста во рок од десет дена од денот на доставување на барањето.

Даночниот обврзник кој го искористил правото на ослободување од плаќање на аконтации за данок на добивка а не ги исполнил условите за тоа согласно Законот за данок на добивка, има обврска да ги плати месечните аконтации на данокот на добивка што не ги платил, и камата согласно со Законот за даночна постапка.

  • Објавено на: 10/12/2020
Кориснички дел
Заборавено корисничко име или лозинка
Ве молиме внесете ја вашата email адреса. Корисничкото име и новата лозинка ќе ви бидат пратени по email.